Новак Ѓоковиќ, се пласира во четврт-финалето од мастерсот во Монте Карло. Ноле попладнево во два сета и за нешто помалку од два часа го совлада Италијанецот Лоренцо Музети (7-5, 6-3).
Србинот лошо го започна дуелот, поради што противникот веќе до осмиот гем двапати имаше предност од еден брејк. Но, тогаш публиката почна да го провоцира Ѓоковиќ, кој од свирежите и пцовките „собра“ дополнителна енергија, па од ситуација во која имаше 3-4 во гемови и 40-15 за противникот на негов сервис успеа прво да го врати брејкот, а потоа да го освои сетот. Во вториот работите веќе беа полесни, иако имаше серија на одземени сервиси. Ѓоковиќ трипати го освои сервисот на противникот, а „само“ двапати го изгуби поради што дојде до посакуваниот триумф.
Тенисерот број еден на АТП-листата за противник во битката за влез во полуфиналето ќе го има Австралиецот Алекс Де Минаур, кој му е голем должник со оглед на неговата победа во меѓусебниот дуел на Јунајтед купот во Сиднеј на почетокот на годината со што стави крај на низата од дури 43 победи по ред на Ѓоковиќ на дуелите во Австралија.