Македонскиот шампион МЗТ Скопје е близу до пласман во полуфинале од АБА 2 лига со победата против Широки.
Тимот од Аеродром триумфираше со 85-69 во првиот четвртфинален меч, па во БиХ ќе треба само да ја одбрани оваа разлика. Одлучувачко за триумфот беше одличното второ полувреме во кое МЗТ Скопје одигра фантастична одбрана и на противниот му дозволи само 28 поени за 20 минути.
Во првото полувреме, темпото го диктираше гостинскиот тим, а највисоката предност изнесуваше +10 (32-22). На одмор се замина со 41-37 за Широки, но главното допрва почнуваше. МЗТ Скопје го отвори второто полувреме со серија од 9-0 за 46-41, на средината од третиот квартал водеше со 54-45 а потоа Широки се врати на само еден поен негатива (60-61). Следуваше клучната серија на МЗТ Скопје од 21-7 за водство од 82-67 кое се покажа доволно за победа, но и како добра основа за реваншот во Широки Брег идната недела.
Ветеранот Војдан Стојановски повторно беше моторот на МЗТ Скопје и постигна 21 поен, вклучувајќи ја тројката со истекот на времето за конечни +16. Делалиќ додаде 17, а Танасковиќ 16 поени со 7 скока.