Лидерот во Премиерлига, Ливерпул играше нерешено 2-2 на домашен терен против Фулам, но тимот на Арне Слот постигна два гола со играч помалку, и се спаси од пораз, а имаше шанса да стигне и до победа.
Ливерпул уште од 17-та минута имаше играч помалку на терен, по исклучувањето на бекот Енди Робертсон. Египетскиот ас Мохамед Салах оствари бројка од 100 асистенции за Ливерпул во сите натпреварувања, од кои 13 му се во оваа сезона.
Андреас Переира во 11.минута донесе водство за Фулам, а шест минути подоцна Робертсон доби црвен картон.
Холанѓанецот Коди Гакпо во 47.минута израмни на 1-1, но Фулам повторно дојде во водство со голот на Родриго Муниз во 76.минута.
Диого Жота се врати во тимот по повредата и постигна гол за 2-2 во 86.минута.
Ливерпул сепак и покрај киксот остана прв на табелата, со пет бода предност пред второпласираниот Челзи.
Голем кикс направи лондонски Арсенал кој на свој терен одигра без голови 0-0 против Евертон. Топчиите доминираа во текот на целиот натпревар, со голем посед на топка и многу шутеви кон голот на противникот, но не успеаја да го пробијат цврстиот одбранбе бедем на Карамелите.
Њукасл со 4-0 го прегази Лестер што е прв пораз за Руд Ван Нистелрој како менаџер на Лисиците, Марфи на два пати, Гимараеш и Исак беа стрелци на головите.
Екипата на Ипсвич го шокираше Вулверхемптон на гости во битката за опстанок, и го совлада со 1-2. со гол во финишот, за големи три бода.