Екипата на Манчестер Јунајтед со пресврт во самиот финиш на натпреварот успеа да го совлада големиот градски ривал Манчестер Сити на „Етихад“ со 1-2. Рубен Аморим изгледа дека знае како против Гвардиола, го надмудри оваа сезона со Спортинг Лисабон во ЛШ пред да го преземе Јунајтед, а сега го повтори и со својот нов тим.
Манчестер Сити е во голема резултатска криза, што се покажа и на овој дуел.
Гвардиола му даде нова улога на Матеус Нунез како лев бек и тоа на крајот беше кобно.
Јошко Гвардиол во 36.минута постигна гол за водство на „граѓаните“, откако со удар со глава ја затресе мрежата на Онана.
Манчестер Јунајтед играше стрпливо и ја дочека својата шанса на крајот од пресметката.
Во 88.минута, Матеус Нуњез погреши при враќањето топка кон голманот Едерсон, ја пресече брзоногиот Амад Дијало, а Нуњез потоа го фаулираше во шеснаесетникот.
Бруно Фернандеш од пенал го израмни резултатот на 1-1.
Две минути подоцна, Амад Дијало доби долга топка, зад дефанзивците на Манчестер Сити, го заобиколи и Едерсон и успеа да го постигне победничкиот гол .
Пеп Гвардиола и неговите играчи беа шокирани, Сити не можеше да се соземе од ударот на гостите. Манчестер Јунајтед стигна до 22 бода, додека Сити има пет бода повеќе и е на петтата позиција во Премиер лигата.