Екипата на Реал Мадрид триумфираше на тешкото гостување во Бергамо кај Аталанта со 2-3 со што освои важни бодови во битката за подобро место на табелата и ја подобри својата ситуација во ЛШ. Килијан Мбапе му донесе водство на Реал со гол уште во десеттата минута, со прекрасен удар го совлада противничкиот голман, но се повреди во првото полувреме и мораше да го напушти теренот.
Де Кетеларе во 45.минута со топовски удар од пенал израмни на 1-1, но Винисиус Жуниор по една грешка на дефанзивците на Аталанта ја затресе мрежата за ново водство на кралевите. Само две минути подоцна и Џуд Белингам со мајсторски дриблинг ја надмудри домашната одбрана и со удар од 16 метри ја најави победата. Нигерискиот напаѓач Лукман со прекрасен удар ја стресе мрежата на Куртоа, но Аталанта сепак не успеа да дојде до израмнување, иако во последниот напад Ретеги не искористи колосална шанса, од два метри шутираше над голот.
Германскиот првак Баер Леверкузен му го нанесе првиот пораз на Интер во ЛШ, совладувајќи го со 1-0. Натпреварот на „БајАрена“ во Германија беше без голови сè до самиот крај, кога победоносниот гол го постигна Норди Мукиеле.
Тимот на Пари Сен Жермен постигна убедлива победа на гостувањето кај Салцбург славејќи со 0-3. Гонсало Рамош донесе водство, Нуно Мендеш го постигна вториот гол, а стрелец на третиот беше Дуе.
Германскиот Баерн оствари убедлива победа над украинскиот Шахтјор so 1-5 на „Велтинс Арена“. Иако Украинците поведоа преку Кевин, фудбалерите на Баерн брзо израмнија преку Лаjмер и со гол на Милер пред паузата дојдоа во водство. Во второто полувреме, Олисе реализираше пенал за 3-1, а во финишот уште два гола на Баерн, стрелци беа Мусиjала и уште еднаш Олисе.
Во голеадата на Ред Бул Арената во возбудлив натпревар, Астон Вила победи на гости против Лајпциг со 2-3. Мекгин постигна гол во третата минута, но Опенда израмни. Џон Дуран повторно со маестрален гол од далечина ја врати предноста за Вила, а Баумгартнер успеа да израмни на 2-2. Конечниот триумф со гол за Астон Вила го обезбеди Рос Баркли.
Францускиот Брест го победи ПСВ со 1-0, а Клуб Бриж славеше победа против Спортинг Лисабон со 2-1.