Фудбалската репрезентација на Србија ги проби лимитите за своите можности, па откако се пласира на Светското првенство како првопласирана во својата група, сега го освои првото место и во групата од Лигата на нации, што значи промоција во А-дивизија, за следната сезона. Тоа го направи со синоќешната победа во Норвешка со 2-0, во која головите ги постигнаа двете напаѓачки ѕвезди, Душан Влаховиќ и Александар Митровиќ.
Тие беа стрелци, но дел од заслугите одат и кај селекторот, Драган Стојковиќ Пикси. Медиумите во Србија денеска се натпреваруваат со комплименти за него, не само затоа што во два дена реши две сериозни скандинавски репрезентаии, туку и поради начинот на кој оваа „нова“ Србија тоа го направи – со напаѓачки фудбал. Тоа ветува многу и отвора потенцијали за претстојното Светско првенство, особено ако убиствените напаѓачи на Србите продолжат да играат во голгетерска форма.
Едно од прашањата кон Пикси беше токму тоа, како успева да ги стави во почетната формација и Митровиќ и Влаховиќ, кои се класични „деветки“. Такво нешто многу ретко се практикува во модерниот фудбал и во тактиките на тренерите современици. Но, Пикси го кажа својот став.
„Имаме одлични играчи и навистина би била штета да седи на клупа некој од нив, само затоа што тренерот замислил систем во кој треба да му игра еден напаѓач. Јас не се согласувам со тоа. Квалитетни фудбалери, кои поседуваат огромен потенцијал, треба да имаат место во тимот. Мило ми е што Митровиќ го постигна 50. гол во репрезентацијата и мило ми е што Влаховиќ го отвори овој натпревар. И не се работи само за головите. Тие со однесувањето и со борбеноста и тимската работа ги заслужуваат сите пофалби“, кажа слекторот.
На СП во Катар, Србија ќе игра во група со Бразил, Швајцарија и со Камерун, a веќе во првиот натпревар вкрстува со Бразилците, на 24 ноември.