Сердар Азмун кој има прекар „иранскиот Меси“ и е член на германскиот бундеслигаш Баер Леверкузен застана во одбрана на жените во Иран и протестите кои секој ден се одржуваат после убиството на Маша Амини, откако била уапсена од верската полиција бидејќи не носела хиџаб.
Преку 40 луѓе досега во протестите во Иран го загубија животот, откако понежниот пол гласно се крена на протести, па мажите ги поддржаа, а еден од тие што застана зад Иранките е и Азмун, ризикувајќи притоа дека може да биде пречкртан за претстојното Светско првенство во Катар.
„Поради правилата во националниот тим ни рекоа ништо да не зборуваме сѐ додека заврши кампот, ама јас не можам повеќе да ја трпам оваа тишина. Ако решат да ме исфрлат од селекцијата, нека биде тоа моја жртва која ќе вреди да се спаси секое влакно на една иранска жена. Срамота е да се убиваат жени од бизарни причини“, рече Азмун.
Во Германија веќе го прогласија за најхрабриот фудбалер во Бундеслигата, а нема да биде чудо ако за Мундијалот не добие повик, под казна и наредба од властите во Иран.