Лидерот во Премиер лигата, Ливерпул успеа да го добие дербито на колото и го освои целиот плен на вечерашното гостување во Лондон кај екипата на Тотенхем.

Гостите од „Енфилд Роуд“ беа фаворити и во вистинска голеада победија со 6-3 во пресметката во која можеа да постигнат уште некој гол и до врв да ја наполнат мрежата на домаќините. Тотенхем на крајот може да биде и задоволен што загубија со „само“ три голови разлика.

Избраниците на Арне Слот доминираа во текот на целиот натпревар. Првиот дел го завршија со водство од 3-1 благодарение на головите на Дијаз, Мек Алистер и Собослаи, а Медисон беше стрелец за лондончани.

Мохамед Салах во второто полувреме беше двоен стрелец, а и асистент за голот на Дијаз. За Тотенхем во листата на стрелци се запишаа Дејан Кулушевски и Соланке.

Тимот на Ливерпул со 39 бода е лидер на табелата со плус четири бодови предност во однос на второпласираниот Челси кој има одиграно еден меч повеќе од лидерот.