Два спортски весници во Италија, „Газета дело Спорт“ и „Тутоспорт“ ја најавија опцијата дека мундијалската пресметка во Палермо ќе биде со стоотстотна исполнетост на трибините, иако како што дознаваат државните и здравствени власти донеле одлука која засега официјално сѐ уште не е соопштена, дека од април сите фудбалски мечеви ќе се играат пред преполни стадиони.
Според информациите од последниот викенд месецов во Италија ќе биде дозволено присуство на 75 отсто од капацитетот и ова би требало да биде на сила до април, а потоа завршницата од Серија А да се игра пред полни стадиони, но Владата во интерес на репрезентацијата, како највисок национален интерес, ќе попушти за мундијалскиот бараж и токму со овој меч треба да се означи комплетното враќање во нормала на италијанскиот фудбал после две годишна криза.
Откако избувна ковид-19 во Италија, па следеше локдаунот во 2020 година, од враќањето на навивачите во оваа сезона на стадионите, максимум беше дозволен влез на три четвртини од капацитетот, односно 75 отсто и за разлика од Англија, на Апенините досега на ниту еден меч немаше комплетна исполнетост на еден стадион.
Засега нема информации дали и препораките за носење маска ќе останат на сила откако ќе се отворат стадионите, но многу извесно е дека ќе продолжи рестрикцијата за невакцинираните, односно само тие со зелен сертификат за прележаност или имунизација ќе може да влезат на трибините. Но, за сето ова сепак на крај ќе треба властите официјално да се изјаснат, а до мечот на Сицилија има уште нешто повеќе од 40-на денови.
Македонија досега во историјата само еднаш има гостувано на Чизмата и тоа во октомври 2017 година во мундијалските квалификации за СП 2018 во Русија, кога ремизиравме 1-1, а „аѕурите“ потоа не стигнаа до настап на најголемиот фудбалски турнир откако беа елиминирани во баражот од Шведска.