Боксинг деј почна со изненадување: „Отфрлениот син“ се врати во Њукасл и со хет-трик го уништи својот поранешен клуб.
Творец на овој сензационален успех на „шумарите“ беше поранешниот фудбалер на Њукасл, Крис Вуд, кој беше стрелец на сите три гола за својата екипа. Домаќинот уште во 23. минута поведе со голот на Исак од пенал, но кога сите очекуваа средбата да продолжи во ист ритам, се случи голем пресврт. Нотингем Форест почна да игра одлично, брзоногите Еланга, Гибс-Вајт и Хадсон-Одои им правеа големи проблеми на дефанзивците на Њукасл, а награда за сето тоа дојде пред крајот на полувремето.
По одличната акција на гостите, Еланга овојпат не беше себичен, упати додавање до Вуд, кој беше во зицер позиција и не му беше тешко само да постави нога и да ја испрати топката во мрежата на својот поранешен клуб за 1-1. Тој никогаш не доби вистинска шанса во Њукасл, а денеска на стручњаците од овој тим им покажа дека погрешиле за него и им го загорчи животот. Во 53. минута расположениот Еланга повторно го проигра Вуд, а овој брилијантно се ослободи од Брн, се намести на шут и ефектно ја испрати топката каде што голманот Дубравка не можеше да ја стигне за целосен пресврт.
Вуд денеска одигра монструозен натпревар, немаше милост кон поранешните соиграчи. Стоперот Муриљо во 60. минута упати квалитетно додавање во празен простор од бековската линија, со кое го најде Вуд, кој избегна офсајд, излезе сам пред Дубравка, го заобиколи и изведе рутинска егзекуција за хет-трик и конечни 1-3.
Нотингем сега е на 16. позиција на табелата со 17 бодови, со што почна да бега од опасната зона, додека Њукасл е седми со 29 бодови, што е далеку од позицијата која води во лигата на шампиони, и што може да ги задоволи навивачите на овој клуб.