САД не издржаа до крај, иако беа пред триумф, за што виновник беше Бејл кој го даде првиот гол за Велс на СП по 64 години. Репрезентацијата на САД одигра 1-1 против Велс на стартот на Светското првенство, иако во поголем дел од натпреварот имаше водство.
Првото полувреме не го одбележаа многу шанси, но единствената посериозна беше реализирана од Тимоти Веа, синот на легендарниот Жорж Веа, кој без проблеми го матираше голманот Хенеси за водство од 1-0 на САД.
Велс за нијанса беше подобар противник во вторите 45 минути и имаше неколку одлични шанси, но чуварот на мрежата на САД беше сигурен сè до 82. минута кога Бејл од пенал успеа да му ја затресе мрежата.
САД и Велс имаат по еден бод во групата Б, каде што лидер е Англија која претходно со 6-2 го распарчи Иран.