Македонската репрезентација неделава, на домашен терен, ќе одигра пријателски средби против Финска и Азербејџан, поради што фудбалерите денеска точно на пладне почнаа да се собираат во еден од скопските хотели на своевидна прва прозивка со селекторот Благоја Милевски.
На воведната средба се појавија поголем дел од интернационалците како Столе Димитриевски, Елиф Елмас, Енис Барди, Муслиу, Елези и Мирчевски, кој викендов не настапи за својот тим ТСЦ во Србија поради два жолти картони.
На првиот собир се појави и повратникот во националниот тим, Илија Несторовски и тоа во добро расположение по првиот погодок во дресот на Удинезе сезонава, викендов во поразот кај Наполи. Тој воедно беше и најдоминантниот на собирот со својот аутфит со брендирана облека во италијански стил.