Град Скопје денеска му одобри финансиска помош на најтрофејниот македонски клуб Вардар од 15 милиони денари (250.000 евра) на седницата на Советот на градот.
Вардар од поодамна се гуши во финансиски проблеми, уште во последните години од владеењето на бившиот газда Сергеј Самсоненко, а беспарицата ги оптоварува и актуелните газди кои го преземаа лани клубот и градот Скопје денеска по предлог на советниците од ВМРО-ДПМНЕ изгласаа финансиска помош со цел да им се помогне на црвено-црните во тековната сезона во битката да се вратат во Првата лига.
Безмалку еден час траеше расправата во град Скопје за финансиската помош на црвено-црните, кои сега ќе добијат пари за да ги подмират долговите што се наталожија, а фудбалерите да се сконцентрираат да ја завршат победнички есенската полусезона.
„Да, изгласана е финансиска помош за ФК Вардар од 15 милиони денари. Беше втор амандман на дневен ред и еден час траеше расправата, имаше интересна дебата зашто сепак станува збор за приватен клуб, но предлогот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше изгласан за помошта, што значи гласаа и советници од СДСМ“, ни изјави Трајко Славевски, претседателот на Советот на град Скопје.
Вардар моментно е втор на табелата во Втората лига после вчерашниот кикс со ремито 1-1 со Беласица, еден бод зад лидерот Гостивар. Првите две места во второлигашката конкуренција водат директно во Првата лига.