Згора на тоа тој потенцира дека е бесен на големите долгови кои му се оставени и откри дека постои сомневање на голем криминал, односно дека на перфиден начин биле краде пари од касата, поради што некој ќе мора да одговара за тоа.
„Пронајдени се огромни исплати без никакво покритие. Знаевме дека ситуацијата е критична, но не верувавме во вакво нешто. Барса била системски ограбувана, а тоа е класичен криминал. Исплаќани се премии од по неколку милиони евра без објаснување. За сето ова веќе го известивме обвинителството и му ги предадовме сите докази. Клубот за две години загубил 600 милиони евра, од кои само 135 милиони се поради коронавирусот“, изјави Лапорта.
На неговите зборови се надоврза и Хаиме Кампанер, член на управата, кој е стручњак за економско право.
„Мора да одиме на суд, бидејќи истрагата покажа криминал со милионски суми. На посредници им се исплаќани огромни пари, откривавме провизии и до 33-отсто, а нормално е да се плаќа до 5-отсто. Адвокати добивале милиони евра, а ништо не работеле. Еден од нив добил седум милиони евра, за трансфер кој бил измислен. На еден клуб нелегално му се исплатени 15 милиони евра за право на откуп на млади играчи, кое никогаш не е искористено“, изјави Кампанер.
„Знаевме дека во клубот не чека тешка економска ситуација, но ова ги надмина сите наши очекувања. Зборуваме за тотално нереални, милионски провизии. Ситуацијата е многу сериозна, не ја исклучуваме можноста некој да подигнал пари од клубот без јасна причина. Сакаме само да ја затвориме оваа темна страна од историјата на Барса…“, заклучи претседателот на Барселона.