Кошаркарите на белградски Партизан во одличен натпревар му одржаа вистинска лекција на Панатенаикос (91:73) во пресметката од 14. коло во Евролигата.

Партизан приреди уште едно изненадување, во спектакуларна атмосфера во „Штарк Арена“. Екипата на Жељко Обрадовиќ му пресуди на уште еден фаворит. Српскиот тим ја постигна четвртата победа по ред во ЛШ и сериозно ја истакна кандидатурата за влез во плеј-оф.

„Црно-белите“ влегуваат во одлична форма, па го надиграа актуелниот европски шампион кој беше рамноправен само во првите десет минути (20:20). Останатите три четвртини им припаднаа на кошаркарите на Обрадовиќ за кои ова беше четврти триумф во низа и сега имаат учинок 6-8 (победи-порази), а може да го подобрат бидејќи во следното коло и гостуваат на Алба од која и дефинитивно се поквалитетни.

Во таборот на Партизан, Карлик Џонс со 18 и Стерлинг Браун со 17 поени беа најефикасни стрелци, а Слукас на спротивната страна реализираше 15 кошеви за Панатенаикос.

Тимот на Барселона пак ја прекина серијата од четири порази и тоа во дуелот со Макаби Тел Авив. Каталонците иако ослабени се изборија за минимален триумф од 88:86 во кој главна улога имаа Пантер и Паркер со по 18 поени.

На останатите натпревари Реал Мадрид беше поразен од Фенербахче (70:82), Баерн и Жалгирис пак го одбранија домашниот терен во пресметките со Басконија и Анадолу Ефес.