Кошаркарите на МЗТ Скопје запишаа победа над Широки Брег со 75-71, во полуфиналето како финале на завршниот АБА2 турнир. Во СЦ „Јане Сандански“, во пеколна атмосфера од одличните „Фемили Аеродром“ босанскиот тим немаше сили за подвиг. Со овој триумф македонскиот првак благодарение на Златибор уште вечерва се радува на кам-бек во елитното јадранско друштво и АБА лигата.
Петровиќ тргна со Војдан Стојановски, Рикиќ, Мекиќ, Дејвис и Милошевиќ. Првите два напади беа нереализирани, но борбено МЗТ избори и трет. Организацијата веднаш ја презеде Кристијан Николов, ама немаше реализација и во следните четири напади. Првите поени беа дело на Вучиќ, а МЗТ одговори со тројка на Мекиќ и двојка на Милошевиќ. Се играше егал по пет минути, гостинот беше во минимално водство по играта со многу грешки. Широки дојде и до дотогаш највисоките +5 преку Чолак. Шутот за три поени беше катастрофален и Петровиќ се реши за тајм-аут. Одморот го разбуди шампионот, па Хуан Дејвис со две тројки во низа го постави резултатот (19-20) по првите десет минути.
Вториот период тргна каде што заврши првиот, Дејвис погоди уште една тројка, а по него прецизен беше и Мекиќ за враќање на позитивата. Аеродромци се разбудија, заиграа посигурно и нападот конечно профункционира па тоа резултираше со водство од 36-27. Кога Широки беше во налет да се врати на два поени дефицит, одлична блокада имаше Милошевиќ. Во завршницата, иако гостите пријдоа на минус два, полувремето со тројка го затвори Војдан Стојановски (44-39). На пауза со 12 поени најефикасен беше Хуан Дејвис, пред Милошевиќ со девет, додека во противничкиот табор се истакна Билиновац со десет реализации.
МЗТ Скопје фуриозно стартуваше со серија од 7-0 по паузата и првпат дојде до двоцифрена предност, а откако Мекиќ погоди тројка за 54-41 предводникот на гостите свика тајм-аут. Избраниците на Петровиќ играа добра одбрана, ги користеа противничките грешки и за пет минути дозволија само два поени. Сепак, по тајм-аутот на Даниел Јусуп гостите се разбудија. Тоа го натера на одмор да свика и Александар Петровиќ, по што тројка погоди Николов за 57-50. Следеше мало опуштање на аеродромци, а тоа го искористија кошаркарите на Широки кои пријдоа на 60-56, резултат со кој заврши третиот период.
Важен потег на стартот на завршните десет минути имаа Рикиќ и Војдан Стојановски, а репрезентативецот на Македонија погоди за два и дополнително слободно фрлање. Широки имаше шанса за израмнување, напаѓаше при негатива 63-30, но погреши. Капитенот Дамјан врза неколку поени со кои аеродромци одново се вратија на позитивата од седум поени. Гостинот од Босна и Херцеговина притискаше, беше близу до егал, но за среќа на МЗТ не успеваше. Одново, кога не одеше во нападот многу важен шут за три поени со звукот на сирената погоди Дамјан Стојановски за 70-63.
Јусуп со тајм-аут одново ги разбуди своите избраници, Широки со серија од 5-0 пријде на минус два и испушти нов напад. МЗТ беше во криза, немаше решенија во нападот и многу грешеше. Среќа за аеродромци и гостинот промаши неколку шута, а потоа преку Николов со сирената стигнаа до +4. Завршната минута и половина македонскиот тим ја дочека со истата предност по две промашени слободни на Човиќ. Последните 60 секунди ветуваа драма, МЗТ имаше пет поени предност, а потоа гостинот реализира две слободни фрлања. Широки имаше напад за израмнување, но со одлична одбрана аеродромци се одбранија и на 2,5 секунди две слободни фрлања за победа реализира Војдан Стојановски.
Најефикасен играч на натпреварот беше Билиновац за кој МЗТ немаше решение со 20 поени, додека капитенот Дамјан Стојановски го предводеше скопскиот тим со 17. Помош имаше и од Хуан Дејвис со 14, а двоцифрен беше и Рикиќ со десет.