Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје ја оствари целта. Со победата над Широки Бријег (75-71), тимот се пласира во финалето на завршниот АБА-2 турнир во Скопје и воедно обезбеди место во елитата, затоа што не може да има повеќе од пет српски клуба, а во финалето ривал е Златибор.
По натпреварот во СЦ „Јане Сандански“, тренерот Александар Петровиќ не го криеше задоволството затоа што неговиот тим повторно се најде во елитното друштво каде играат Црвена Звезда, Партизан, Будуќност, Цедевита Олимпија…
„Емоциите работат, честитки за екипата на Широки за фер и корeктната игра, сакам да се извинам што беше противнички играч удрен од трибините. Го вративме МЗТ во АБА лигата, во ваква атмосфера не се губи, честитки до играчите, до клубот, до публиката и тоа е тоа накратко. Мислам дека заедно направивме голема работа откако јас сум тренер и работам со овие играчи. Ова е голем успех за македонската кошарка“, изјави Петровиќ.
МЗТ Скопје во мечот за титула во АБА-2 лигата ќе се судри со Златибор. Мечот е закажан в недела.