Милан повторно го истурка под себе градскиот ривал Интер и се врати на лидерската позиција во Серија А, после победата со 2-0 против Џенова во 33-то коло во калчо-елитата, но „нераѕурите“ се со меч помалку кој треба да го одиграат против Болоња
Португалскиот репрезентативец Рафаел Леао со голот уште во 11-та минута ја најави победата, а Жуниор Месиас на три минути пред крајот ја обезбеди победата за Милан повторно да биде на првото место, но пред сѐ да се врати на победничкиот колосек после две ремија во низа.
За Џенова ова е 15-ти сезонски пораз, трет во низа и нов чекор поблизу до Серија Б, зашто најстариот италијански калчолигаш останува на минус три од сигурната зона и првиот над цртата, Калјари, но со меч повеќе.
Милан сега има 71 бод, Интер е на 69, а Наполи дури во понеделник во дербито со Рома и Жозе Мурињо ќе бара победа за да остане во многу тесната и неизвесна трка за „скудетото“.