Словенечкиот кошаркарски велемајстор, Лука Дончиќ имаше уште едно блескаво издание и е најзаслужен за новата победа на Далас Маверикс.

Шампионот од 2011 година Далас, триумфираше на гости кај Бруклин со 119-107, а Дончиќ остана покус за една асистенција во обидот да оствари нов трипл-дабл, па дуелот го заврши со 35 поени, 18 скока и 9 додавања. За неговата фантастична игра, во еден момент присутните во арената му скандираа „МВП“ што не се случува често на гостински терен. Од вчера тој е лидер на листата на стрелците со просек над 34 поени и ова е негова голема шанса да стигне до големото признание.

 

Одлучи првото полувреме кое му припадна на Далас со 65-47, па во второто полувреме Далас само умешно ја сочува предноста. Интересно е тоа што Дончиќ не беше најефикасен играч на мечот бидејќи Кајри Ирвинг против својот поранешен тим постигна 36 поени.

 

Бриџис го предводеше Бруклин со 28 поени, но неговиот тим го претрпе третиот пораз во последните четири натпревари и остана на 11. позиција со биланс 20/30 и две победи помалку од десеттопласираната Атланта.