Барселона триумфираше во спектакуларно финале во шпанскиот суперкуп против Реал Мадрид во Џеда во Саудиска Арабија со импресивни 2-5 (1-4). Пресметката се одигра пред полни трибини на „Кинг Абдула Спортс Сити“ на која гледачите уживаа во вистински спектакл, канонада од голови, спектакуларни потези и многу драматични моменти, за на крајот Барса да го демолира кралскиот клуб.

На самиот старт Барселона не искористи две шанси преку Ламин Јамал и Рафиња, па следуваше казна.  Мбапе доби топка од Винисиус, се ослободи од двајца дефанзивци и го совлада излезениот Шчесни за водство 1-0.

Барселона продолжи со офанзивата и  следуваше контра-удар од каталонците. По одлична асистенција од Роберт Левандовски на сцена стапи младата барсина звезда Ламине Јамал кој ги измеша дефанзивците на Реал, и со силен удар го совлада Куртоа и израмни на 1-1.

Финишот на првиот дел донесе спектакуларни моменти за фановите на Барса, ама не и за оние на Реал. Прво Камавинга стартуваше над Гави и направи пенал, па во 36. минута Левандовски го реализира пеналот за 1-2.

Не поминаа ниту три минути подоцна, а по перфектен центаршут на Кунде со глава одлично шутираше Рафиња и го зголеми водството на 3-1.

Во десеттата дополнителна минута имаше корнер за Реал но се разви пеколна контра на спротивната страна. Рафиња се ослободи од Валверде, одлично асистираше до Балде кој лесно го матира Куртоа за 1-4.

Во вториот дел Реал имаше колосална шанса, бидејќи Родриго ја погоди стативата. Затоа пак казна следуваше на спротивната страна преку брза транзиција и втор гол на Рафиња за 1-5 во 48. минута.

https://twitter.com/i/status/1878537061491224759

И тука не беше крајот на возбудувањата, а за тоа се погрижи Шчесни, голманот на Барселона го спречи Мбапе кој беше во налет со прекршок, па судијата Манзано по преглед на ВАР снимката му даде црвен картон. На голот застана незагреаниот Ињаки Пена, а од слободниот удар Родриго успеа со перфектен шут да го совлада.

 

До крајот на дуелот немаше промени на резултатот, иако Реал се наметна и имаше неколку шанси. Барселона со играч помалку успеа да го одбрани стекнатото водство и по 15-ти пат го крена трофејот во Суперкупот на Шпанија.