Фудбалерите на Астон Вила ја добија пресметката во премиерлигашкото дерби во третото коло на ФА Купот, откако со пресврт го совладаа Вест Хем со 2-1 (0-1) и со тоа се пласираа во следната рунда во најстарото фудбалско натпреварување на планетата.

 

На клупата на „чеканите“ дебитираше стратегот Грем Потер, кој по отказот во Челзи од пред две сезони се врати во Премиер лигата и ерата во Вест Хем ја започна со пораз. Сепак, Вест Хем одлично го започна дуелот на „Вила Парк“ и со голот на Лукас Пакета поведе уште во деветтата минута. Но, тоа беше сè што направи лондонскиот тим оваа вечер, бидејќи во продолжение Астон Вила доминираше на теренот и на крај заслужено славеше голема победа и пласман во следното коло во ФА Купот.

Астон Вила кој има одлични настапи во Лигата на шампионите до посакуваниот триумф дојде со два гола во вториот дел. На 1-1 израмни Онана во 71. минута, а пет минути подоцна Роџерс го матира Фабиански за голема победа и славје на трибините во Бирмингем.