Младата мега фудбалска ѕвезда на Барселона, Ламин Јамал, беше еден од најдобрите актери и хероите на Каталонците во победата со 2-0 против Атлетик Билбао во првото полуфинале од Суперкупот на Шпанија. Тој на маестрален начин го постигна вториот гол за Барса, со кој практично ги реши дилемите околу победата на својот тим.
„Атлетик е физички многу силен тим и се најдовме во потешкотии на крајот од првото полувреме, но продолживме да играме добро и успеавме да ги совладаме“, изјави Јамал по натпреварот.
За време на натпреварот пристигна и веста дека Дани Олмо ќе може да се врати во тимот на Барселона, на што Јамал реагираше.
„Среќни сме што Дани Олмо и Пау Виктор сега можат да играат. Тие се чувствуваат добро“, продолжи крилниот играч.
17-годишниот талентиран фудбалер е само на еден натпревар од освојувањето на својот прв трофеј со Барселона, откако пред неколку месеци со репрезентацијата на Шпанија го подигна пехарот на ЕВРО 2024.
„Возбуден сум и гледам со нетрпение кон освојување на мојот прв трофеј со Барселона“, истакна Јамал.