Фудбалерите на Милан со пресврти во полуфиналето и финалето дојдоа до Суперкуп титула и прекин на доминацијата на Интер во ова натпреварување. Тренерската смена беше навремена и португалскиот стратег Серџо Консеисао со трофеј ја започна својата приказна на клупата на Милан.

Екипата на Милан имаше два гола негатива но направи неверојатен пресврт во пресметката со градскиот ривал Интер во финалето на италијанскиот Суперкуп.

Дуелот се одигра во Ријад и донесе супер атрактивен и возбудлив натпревар со многу шанси на двете страни, а посебно во вториот дел кога беа постигнати четири голови а имаше многу нереализирани шанси.

Аргентинскиот ас Лаутаро Мартинез донесе водство за Интер пред крајот на полувремето, а Тареми го зголеми водството во 47. минута по одличната асистенција на Де Фрај.

Интер беше на чекор до трофејот, но така не мислеа росонерите, па набрзо стигна и одговорот од противничкиот табор. Најпрвин Тео Ернандес стрелаше од слободен удар совладувајќи го Јан Зомер, а влегувањето на Рафаел Леао внесе свежина во редовите на Милан. Поедна акција миланезите успеаја да изедначат со голот на Пулишиќ во 80. минута.

Тука не беше крајот, па тимот на Милан успеа да направи комплетен пресврт со голот на резервистот Тами Ејбрахам во 93. минута, што предизвика делириум и огромна радост за своите фанови во Ријад,  и на Апенините.