Аргентинската фудбалска репрезентација стигна до првата победа на Олимписките игри, во дуелот со Ирак (3-1) во рамките на второто коло. Натпреварот на „Олимпик Парк“ понуди два гола во првиот и еден во вториот дел, а Аргентинците одиграа сигурно и без потешкотии дојдоа до први бодови.
По неверојатната драма против Мароканците во првото коло и начинот на кој останаа со „празни раце“, денес Аргентинците одиграа според планот. Веќе во 13. минута Тиаго Алмада погоди по асистенција на Хулијан Алварез, за предност на „гаучосите“ од 1-0. Водството беше актуелно до пред крајот на полувремето, поточно до четвртата дополнителна минута. Тогаш Хусеин погоди за Ирак и донесе израмнување (1-1).
Аргентинците се наметнаа во второто полувреме, почнаа да притискаат и Лучијано Гонду само две минути откако влезе во игра го матира голманот на Ирак и во 62. минута Аргентина пак поведе. Во продолжението немаше аутсајдерот многу шанси за кам-бек, а пред крајот Езекиел Фернандез стави точка на победата со голот за конечни 3-1.
Овој резултат ја замрси ситуацијата во групата Б. Мароко има шанса веќе денес да се пласира во четвртфиналето, а во битката за второто место ќе биде интересно, бидејќи Аргентина и Ирак имаат по три, додека Украина е на „нула“, но има и натпревар помалку.