Олимписката репрезентација на Шпанија го оствари и вториот триумф на фудбалскиот турнир во Париз, откако сигурно со 1-3 (1-1) победи над Доминиканската Република. „Фуријата“ со оваа победа прва обезбеди пласман меѓу осумте најдобри на Олимписките игри.
Шпанија поведе во 24. минута преку Фермин Лопез, но Доминиканците успеаја да израмнат после 14 минути преку Монтес Де Ока. Сепак, европската селекција имаше многу повеќе од играта и доби бројчана предност по црвениот картон за Едисон Азкона, но на паузата остана истиот резултат (1-1).
Вторите 45 минути очекувано донесоа силовит пристап на Шпанците, и тоа вроди со плод по само десет минути игра, кога Алекс Баена го врати водството, а конечните 1-3 беа дело на играчот на Џирона, Мигел Гутиерез.
Судиите долго го прегледуваа третиот погодок во ВАР-собата, но после петминутно чекање, истиот беше признат и Шпанија веќе беше сигурна со нови три бода во групата Ц. Во оваа конкуренција се уште селекциите на Египет и Узбекистан, кои меѓусебе играат попладнево.