Германско финале е многу веројатен епилог на полуфиналните дуели во Лигата на Европа. Сепак, се уште ништо не е решено во ниту една од двете пресметки. Германските тимови Ајнтрахт Франкфурт и Лајпциг имаат предност во однос на Вест Хем и на Глазгов Ренџерс, но таа е минимална, од само еден гол, па пресврти се сосема можни.

Ајнтрахт изгледа дека е најблиску до финалето по првата пресметка со Вест Хем. Тимот од Франкфурт постигна одличен резултат, победувајќи со 1-2 на гости во Лондон. Но, од оваа сезона не важи веќе правилото „гол во гости“, па „чеканите“ имаат реални шанси да се вратат во битката, доколку вечерва најдат начин да дојдат до победа.

Добра вест за домаќините е враќањето на Еван Ндика и Кристијан Јакиќ, кои го пропуштија првиот меч, а нема посебни проблеми во тимот на Вест Хем.

Дејвид Мојс веројатно нема да ризикува да го вклучи Иса Диоп во стартните единаесетмина, а ги одмори клучните играчи Микаел Антонио и Томас Соучек во текот на викендот.

На втората пресметка меѓу Глазгов Ренџерс и Лајпциг, германскиот тим отпатува со еден гол предност. Домаќините ќе бидат засилени со опоравениот Кемар Руф, кој ги пропушти последните три натпревари поради проблем со коленото, а истото важи и за Арон Рамзи.

Голем проблем кај гостите е во одбраната со оглед на повредата на Јошко Гвардиол против Борусија Менхенгладбах. Добра вест е што подготвени се Марсел Халстенберг и Лукас Клостерман.
За викендот одмор добија Емил Форсберг и Јусуф Поулсен кои исто така се очекува да се вратат во тимот на Лајпциг.