По катастрофалниот Мундобаскет, во кој не ја минаа групната фаза, француските кошаркари со победа го отворија олимпискиот турнир. Преку 27.500 гледачи на стадионот „Пјер Моруа“ во Лил видоа заслужена победа против Бразил со 78-66. Французите во пријателските натпревари пред олимпискиот турнир загубија четири натпревари по ред.
Французите почнаа во грч, имаа проблеми со организацијата и се потпираа на индивидуалните квалитети на Фурние, Јабуселе и Вембањама. Бразил подобро започна и постојано водеше, а Александар Петровиќ имаше постојани приговори на делителите на правдата за чудниот критериум.
На „мускули“ и благодарение на Лесор и Вембањама, Франција се доближи од -12 на -3 до одморот. Со забивањето на Виктор Вембањама и неговиот четиринаесетти поен Франција првпат израмни во 19. минута.
На почетокот на третиот квартал се разигра Батум, бразилските кошаркари заглавија и во шутот и под обрачите и во 25. минута предноста веќе беше двоцифрена.
Бразилците беа брзоплети на почетокот на последната четвртина, но влегувањето на ветеранот Марселињо Уертас ги смири и ја преполови француската предност. Сепак, Гобер беше човекот кој не дозволи драма, момците на Винсен Коле искусно го приведоа натпреварот кон крај и славеа со 78-66.
Најефикасни во францускиот тим беа Вембањама и Батум со по 19 поени, а кај Бразил се истакна Лео Меиндл со 14 поени. Во првиот натпревар од првото коло во Б групата, попладнево Германија убедливо ја совлада Јапонија со 97-77. Во второто коло Германија се среќава со Бразил, домаќинот Франција за ривал ја има Јапонија.