Каталонскиот гигант Барселона го прегази Баерн Минхен во натпревар од трето коло во ЛШ.

Девет години чекаше Барса на победа во дуелите против Баерн, во овој период доживеа шест порази во низа и прими 22 гола, но денеска наплати за сите катастрофи и трауми што ги претрпе од германците.

Во дербито на третото коло, каталонците како домаќини триумфираа со 4-1, на крилјата на фантастичниот бразилски напаѓач Рафиња кој ги искористи сите пропусти во одбраната на противничкиот тим. Тој и ја најави победата по само 57 секунди игра откако доби фантастична топка од Фермин Лопез и го помина Нојер, па ја затресе неговата мрежа.

 

Откако го отвори резултатот, Барса беше беше во подредена позиција, прими гол од Кејн кој беше поништен поради минимален офсајд, но неколку минути подоцна Англичанецот по една нафрлена топка, чудесно се снајде во петерецот и го израмни резултатот. Со оглед на иницијативата на гостите, се очекуваше во следниот период да дојде до канонада по голот на Барселона, но се случи спротивното.

Повторно киксираше одбраната на Баерн, па Лопез му асистираше на Левандовски за ново водство на Барса, а пред истекот на првото полувреме Рафиња по додавањето на Марк Касадо кој испрати маестрална дијагонала од својата половина, а бразилецот ги измеша противничките дефанзивци и донесе предност од 3-1. Во 56. минута, Рафиња со уште еден гол го комплетираше хет-трикот по извонредна асистенција на Јамал, и на фантастичен начин го најави претстојното Ел Класико против Реал..

Победата на Барселона не беше највисока вечерва во Лигата на шампионите. Најефикасен беше Манчестер Сити кој со 5-0 ја победи Спарта на домашен терен, а мало изненадување направи Лил кој го победи Атлетико во Мадрид со 3-1. За одбележување е првиот триумф на Динамо Загреб оваа сезона во Лигата на шампионите, со 2-0 на гости кај Салцбург при што двоен асистент беше Македонецот,Стефан Ристовски.