Ливерпул прикажа уште една нова моќна партија, направи пресврт и го совлада тимот на Лестер Сити so 3-1 (1-1) на „Енфилд Роуд“, во натпревар од „Боксинг Деј“ програмата во Премиер лига.
Екипата на Ливерпул беше доминантна во текот на целото прво полувреме. Но сепак Лестер, прв се радуваше. „Лисиците“ го искористија невниманието на домашната одбрана преку Андре Ају кој се ослободи од Робертсон, а потоа со силен удар го изненади голманот Алисон Бекер и Лестер дојде во водство од 0-1.
По примениот гол напаѓачите на Ливерпул тргнаа во жестока офанзива. Гостите во поголемиот дел од полувремето беа во својот казнен простор, пречката ја погоди Салах, а холанѓанецот Коди Гакпо постигна атрактивен гол па Ливерпул го изедначи резултатот (1-1).
Лестер не можеше да земе здив ниту на стартот на второто полувреме и по четири минути продолжение Ливерпул стигна до пресврт и поведе со 2-1. Салах и Мекалистер ја надиграа комплетната одбрана на лисиците, а точка на прекрасната акција стави Кертинс Џонс со гол за нова голема прослава на домашните фанови. Во 70. минута имаше спорна ситуација, кога се затресе гостинската мрежа на Лестер, но по долгите прегледи во ВАР собата голот на Гакпо беше поништен. Но во 82. минута крај на сите надежи на гостите стави египетската звезда Мохамед Салах со својот шеснаесеттиот овосезонски гол во Премиер лигата.
Тимот на Ливерпул со овој триумф ја зголеми предноста во однос на Челзи на седум бода, а екипата на Арне Слот има и натпревар помалку. Лестер останува во „опасната“ зона со 14 освоени бода.