Барселона го освежи тимот во летниот преоден рок со доведување на играчи вредни повеќе од 170 милиони евра, но шпанскиот гигант може да биде елиминиран во групната фаза од Лигата на шампионите и тоа втора година по ред. Тренерот Чави Хернадез е свесен дека работата му е загрозена.
Барселона на последните четири натпревари забележа само една победа. Во таа серија имаше пораз и нерешено со Интер во ЛШ, победа против Селта Виго во првенството и пораз од Реал Мадрид во Ел Класико, со што Барса го загуби првото место во шпанското првенство од својот најголем ривал.
„Морам да бидам искрен со фановите. Продолжувам полн со ентузијазам, и покрај сите критики што беа таму во изминатава недела. Добивам зборови на поддршка. Мојот мобилен телефон изгледа како да ми починал член на семејството.
Клубот заврши одлична работа, имаме добар тим и мораме да се натпреваруваме за трофеи. Ако не победиме, како што рече претседателот на клубот, ќе има последици, а тие почнуваат од мене. Ако не победуваме, ќе дојде друг тренер. Но, со оглед на тоа ќе дадам се од себе за да успеам“, изјави Чави.