Кошаркарите на Денвер Нагетс повторно загубија на свој терен, Индијана ги совлада со 120-125. Нагетси редат порази во низа, а најдобриот центар на светот Србинот Јокиќ не може да го спречи тоа.
Никола Јокиќ имаше уште една маестрална партија, посебно во првото полувреме, кога постигна 29 поени, девет асистенции и шест скока. Ова му успеало само на Дончиќ во историјата на НБА лигата. Сепак, во останатите две четвртини постигна само 12 поени, а не беше на висината на задачата во самиот финиш.
Јокиќ натпреварот го заврши со нов „трипл-дабл“ од 41 поен, 15 скока и 13 асистенции за дури 39 минути минати на паркетот. Иако тимот претрпе пораз, Кристијан Браун имаше учинок на кариерата, постигнувајќи 30 поени со само четири промашувања од поле.
Во триумфот најмногу се истакна Мајлс Тарнер со 24 поени и три блокади, додека Оби Топин постигна 22 поени.
До овој меч, Јокиќ беше израмнет со легендарниот Вилт Чембрлен, но сега е центар со најмногу трипл-дабл учинок во една натпреварувачка сезона.