Големиот фудбалски талент Ламин Јамал се уште нема 18 години, а веќе е еден од лидерите во каталонскиот гигант Барселона. Тинејџерот кој е дете на Ла Масија во моментов е најперспективен фудбалер во светот, и од него се очекува доминација на светската фудбалска сцена во наредните десетина години.
Затоа многу европски фудбалски гиганти се во трка по Јамал, но малку ги има што би можеле да го доведат во своите редови. Таква финансиска моќ за да се обиде да го доведе Јамал има големиот англиски гигант Манчестер сити.
Според шпански медиуми, актуелниот англиски првак е спремен да испрати неверојатна понуда до Барселона, за трансфер на Ламине Јамал. Има најави дека Сити е подготвен да искешира неверојатни 275 милиони евра за откуп на договорот од каталонскиот гигант, што би било апсолутен рекорд во светот на фудбалот.
Најголемиот актуелен трансфер го држи бразилецот Нејмар, кој за 222 милиони евра од Барселона направи трансфер во Пари Сен Жермен во 2017 година. Сега уште еден играч на Барса е во фокусот, кој би можел да постави нов светски рекорд за еден трансфер.
Барселона е во големи финансиски проблеми, но сигурно дека нејзините челници немаат намера и воопшто да размислуваат за продавање на својот фудбалски дијамант по никаква цена.