Барса не успеа да ја продолжи победничката серија а за тоа се погрижи Бетис кој докажува дека е хит оваа сезона во шпанска Примера.
Пресметката на Монжуик заврши нерешено 1-1 и покрај големата теренска надмоќност на каталонците и многубројните шанси. Одбраната на Бетис беше гранитна, дефанзивците Натан и Бартра беа непремостлива препрека, а на голот извонреден беше голманот Адријан. По претходните 2-2 во есенскиот дел, Бетис уште една освои бод против фаворитот за титулата и му направи мала услуга на Реал во битката за врвот. По поразот на Реал од Валенсија, Барса можеше да побегне на плус шест бода разлика, но сега предноста е само четири бода.
Барселона тргна во офанзива уште од стартот, а во 5-та минута Педри испрати силен од далечина но Адријан одбрани. Но во 7-та минута, домаќинот дојде до предност, Торес со прекрасен пас го проигра Гави, а тој ја затресе противничката мрежа.
Но само по десет минути шок за каталонците. Ло Селсо изведе корнер а бразилецот Натан беше повешт во воздушниот дуел со Араухо и со удар со глава го совлада немоќниот Шчесни.
Во вториот дел Барселона имаше постојана иницијатива, имаше повеќе можности за гол, одлични шанси имаа Кунде и Гави но чудесно одбрани голманот на Бетис. Каталонците пропуштија голема можност за победа, но се лидери на табелата со 67 бода, Бетис е петти со 48 бода.
Двете екипи со ова реми ја продолжија серијата без порази. Барселона е без пораз 22 натпревари во сите конкуренции, а тимот на Бетис има низа од осум дуели без пораз.