Кога судијата Симоне Соца во 83-та минута свирна пенал за Јувентус при водство на „старата дама“ со 1-0 со гол на Пауло Дибала, сѐ изгледаше дека полека Џенова може да се пакува за Серија Б, ама ВАР го врати на проверка арбитарот, досудениот пенал беше поништен, а за драмата да биде поголема Моис Кин промаши празен гол во 90-та минута, за на крај Јувентус да загуби.
Алберт Гудмунсон три минути пред крајот израмни, а во последната петта минута од судиското надополнување, Доминико Кришито даде гол за победа и огромна радост на џеновјаните, кои две кола пред крајот остануваат во отворена и пеколна трка за опстанок.
Салернитана е прва над цртата со 29 бода, Џенова има 28, Калјари е на 28, а Венеција практично пред промоција во Серија Б со 22. И викендов, Салернитана и Калјари играат меѓусебно дерби, што значи каков и да е резултатот, Џенова ќе има големи шанси за да се спаси во завршните 180 минути.
Аргентинецот Пауло Дибала, кој по завршување на сезонава ќе си замине од Торино го реши мечот со голот три минути по стартот на второто полувреме и со тоа дојде до неговиот 115-ти гол за „старата дама“, па се израмни со легендарниот Роберто Баџо на деветото место на најдобрите стрелци во историјата на Јувентус.