Челзи има нови сопственици. Клубот во петокот вечерта потврди дека е постигнат договор со конзорциумот предводен од Тод Боли, Клирлејк Капитал, Марк Волтер и Хансјорг Вис. Продажбата треба да биде завршена до крајот на мај, односно по одобрување од владата на Обединетото кралство.
Акциите на клубот ќе се купат за 2,5 милијарди фунти, што според достапните податоци е најголемата сума за која е продаден еден спортски клуб. Таа сума ќе биде префрлена на замрзната сметка во Велика Британија, а Роман Абрамович потврди дека планира целата сума да ја донира во добротворни цели. Новите сопственици се обврзаа и на 1,75 милијарди фунти инвестиции во „благосостојбата на клубот“, т.е. инвестиции во стадион, тим и академија.
Тод Боли е американски милијардер и еден од сопствениците на безбол клубот Лос Анџелес Доџерс, каде што поседува 20% од акциите. Мнозински сопственик на Доџерс е Гугенхајм Партнерс, инвестициска компанија чиј претседател беше Боли и еден од основачите Марк Волтер, исто така еден од луѓето кои треба да станат нов сопственик на Челзи.
Од друга страна, Клирлејк Капитал е американска инвестициска компанија, а Хансјорг Вис е швајцарски милијардер и филантроп.