Португалскиот селектор Фернандо Сантош веќе го состави тимот со кој ќе излезе против Македонија во мундијалското финале од плејофот утревечер (20.45 часот) на „Драгао“ во Порто и според последните најави, промени ќе има само во дефанзивната линија и многу извесно во формациската поставеност.
Се враќаат во тимот Жоао Кансело по суспензијата и Пепе поради изолација од ковид-19, па овие двајца ќе бидат дел од дефанзивната четворка во однос на одбраната која играше против Турција во триумфот со 3-1.
На голот останува Диего Коста кој доби предност пред Руи Патрисио, Пепе и Жозе Фонте ќе бидат стоперскиот тандем поради отсуството на најдобриот дефанзивец Рубен Дијас. Кансело се враќа на десен бек на местото на Диего Далот, кој беше стартер со Турците, а Рафаел Гереиро останува лев бек.
За разлика од мечот со Турција на кој Сантош играше во формација 4-3-3, овојпат португалските медиуми најавуваат дека истата можно е да се трансформира во 4-4-2 со тоа што Отавио ќе остане како крило, но ќе има и малку подефанзивни задачи во текот на мечот со цел да се спречува брза транзиција на Македонија после изгубена топка на Португалците.
Жоао Мутињо би требало да остане централен играч за врска, иако постојат најави дека Вилијам Карвалјо би можел да влета на оваа позиција за да се има поефективен деструктивец во средината, во која Бернардо Силва и Отавио би делувале по крилни позиции, а Бруно Фернандеш како плејмејкер за напаѓачкиот двоец Кристијано Роналдо – Диего Жота.
Сантош денеска на последниот тренинг ќе ги одгатне и последните дилеми, ако воопшто ги има, за стартните 11, но најавите се дека освен во одбраната нема многу што да смени од тимот кој ја победи Турција во полуфиналниот бараж.