Македонија утревечер против Португалија ќе се бори за нова историја, сега за прв настап на најголемиот фудбалски турнир, Светското првенство во Катар (21 ноември-18 декември), а после победите со вторите најтрофејни нации на светот, Германија во март лани и со Италија во четвртокот, според Велкоски триумф во Порто повеќе нема да претставува чудо.
„Јас се надевам дека можат да победат и не сум сигурен дека ако победат тоа ќе биде сензација. После триумфи над Германија и Италија во ист циклус за една година, кои се според мене и поквалитетни од Португалија, триумф сега не би бил чудо како претгодните“, вели Велковски, кој се пензионираше заедно со Горан Пандев и Иван Тричковски после Еуро 2020.
„После овој триумф со Италија, сега Македонија уште повеќе другите ќе ја доживуваат како многу посериозен ривал. И успех во Португалија е можен, само треба да се верува дека може да се стигне до него“, додава Аврамовски.
Почетокот на македонската ренесанса почна од ремито во Торино во октомври 2017 година после настапот на младата селекција на Еуро 2017 и фактот што половина од неа влезе во сениорската репрезентација. Потоа само се градеше тимот, преку Лига на нации се дојде до прв настап на Еуро 2020.
„Ова е репрезентација која мора да се респектира и резултатите не се случајни, а Македонија покажува карактер, талент, дисциплина, победнички менталитет. Тоа е единствениот пат кон успехот“, потенцира Аврамовски, кој беше дел од златната младинска генерација.
„Македонија се пласира на Европско, ја победи Германија, па Италија и овие резултати не се случајни, зашто е процес што се градеше сиве овие години. Плус екипата е млада, долги години се заедно, добро се познаваат, а играат најдобрите кои се и стандардни во своите тимови. Нормално, тука е и заслугата на селекторите, претходниот Игор Ангеловски и актуелниот Благоја Милевски“, додава Крсте Велкоски.