Барди веќе пет години е член на Леванте, малиот тим од Валенсија, па сега далеку поголемиот градски ривал и поранешен шпански првак сака да го „грабне“ од локалниот ривал и да го донесе на „Местаља“ како засилување за следната сезона. Особено што може да го земат бесплатно, ако Леванте испадне, а сѐ поблизу е таквото сценарио.
Леванте неодамна автоматски му го продолжи договорот на Барди на уште две години, искористувајќи ја таа опција за продолжување на договорот, но веќе од поодамна се најавува заминување на македонскиот фудбалер во друг клуб, а актуелниот тим Леванте сака да заработи пари со кои би си го покрил долгот што е направен во изминатиов кризен период предизвикан со ковид-пандемијата.
Зимоска многу клубови се вртеа по медиумите додека траеше зимскиот преоден рок како можна дестинација на Барди, од великанот Милан, преку калчолигашите Торино и Лацио, па сѐ до шпанските Бетис и Реал Сосиедад, инаку европретставници сезонава, а веројатно и во следната сезона на Шпанија во европските купови.
Според „ЕЛ Гол Дигитал“, се чека разврската од финалето во Купот, па Валенсија да тргне со сите сили за да го добие Барди, но според информациите во моментов наводно најблизу бил да замине во италијанското Калчо.