Лидерот во шпанска Примера Барселона стигна до тешка победа над Леганес на гостински терен во Мадрид во 31 коло. Со новите три бодови, каталонците стигнаа до 70 бодови, седум повеќе од Реал Мадрид, кој има гостување кај Алавес.
Тимот на Леганес кој се бори за опстанок, оваа сезона е еден од најтешките ривали на Барселона. Во првиот дел на првенството Леганес со 1:0 ја победи Барселона на гости, но каталонците на многу среќен начин се реваншираа на идентичен начин.
По првото полувреме немаше голови, а само што започна вториот дел, во 47 минута Саенз си постигна автогол. Рафиња остро центрираше до Левандовски, но дефанзивецот на Леганес со лизгачки старт во обид да спречи топката да стигне до Лева, ја смести во сопствената мрежа. Тој момент се покажа и како клучен за Барселона да ги освои трите бода на ова гостување. Во продолжение и Фермин Лопез направи вистински слалом во противничката одбрана, излезе сам пред Дмитровиќ но неговиот удар заврши покрај самата статива.
Гол за Леганес во 71 минута постигна Раба но беше поништен поради офсајд.
Во следното коло Барселона игра дома против Селта Виго, додека Леганес во битката за опстанок има дуел со Мајорка.