Лигашкиот дел од сезоната во НБА заврши, најдобриот кошаркар во регуларниот дел од најквалитетната лига во светот е Никола Јокиќ.
Центарот на Денвер е втор најдобар играч во лигата со 708 асистенции, трет најдобар скокач со 976 скока, петти најдобар стрелец со 2.085 поени и осми во конкуренција на украдени топки (108). И како шлаг на тортата, Јокиќ е првиот играч во историјата кој успеал да го заврши лигашкиот дел од сезоната во ТОП 10 од сите четири статистички категории.
Навивачите ширум светот очекуваат Јокиќ да покаже повеќе од својата кошаркарска магија во плеј-офот и се возбудени поради тоа, но Никола Јокиќ е возбуден за некои други работи.
„Да бидам искрен, возбуден сум што ќе добијам неколку слободни денови и ќе можам да поминам време со ќерка ми на базен“, одговори Јокиќ во свој стил.
Српскиот репрезентативец одигра 79 натпревари во неодамна завршената лигашка сезона, со што се исполнува условот за влез во трката за МВП, тој имаше просек од 26,4 поени по натпревар, 12,4 скока, 9 асистенции и 1,4 украдени топки по натпревар.