ТВ „Мувистар“ му даде отказ на поранешниот голман Моно Бургос кој пред мечот меѓу ПСЖ и Барселона упати голема навреда кон младиот играч на каталонскиот тим, Ламине Јамал.
Моно Бургос е и поранешен помошник на Диего Симеоне во Атлетико Мадрид. Тој ја загуби работата како фудбалски критичар во „Мувистар“ поради непромислените зборови.
„Ламине Јамал? Ако не игра добро, ќе заврши на семафори!“, прокоментира Бургос смеејќи се.
Поради овој коментар, играчите на ПСЖ и Барселона здружено го бојкотираа „Мувистар“ одбивајќи да даваат интервјуа за овој медиум.
Бургос се извини, но тоа не му помогна да остане на работа, добил отказ.
„Сакам да се извинам за моите зборови во вчерашната програма. Немав намера да го повредам Ламине Јамал, луѓето од Барселона, фудбалерите, УЕФА или „Мувистар“ каде што работам. Кога го дадов коментарот одбрав да направам шега за квалитетот и да го пофалам, во никој случај тоа не беше поврзано со неговиот етникум или социјална класа. Поминав многу години во фудбалот и особено сум возбуден да гледам млади таленти. Особено ги почитувам талентите кои ги вади Барселона во последно време и верувам дека квалитетот секогаш победува на крајот. Им се извинувам на сите кои беа навредени од мојот коментар. Мојата намера не беше да го навредам Ламине Јамал, баш напротив“, е дел од извинувањето на Бургос.