Реал Мадрид жали што не ги освои трите бода на гости кај Валенсија иако губеше со 2:0. Реал на „Местаља“ постигна два гола, а во последните моменти од средбата гостите постигнаа и трет гол, но судијата Манцано покажа дека неколку моменти претходно отсвирил крај.
Фудбалерите на Реал жестоко реагираа, но арбитерот беше одлучен дека отсвирил крај на средбата непосредно пред Џуд Белингам да постигне гол.
Ова не е прва ваква ситуација во шпанското првенство. Тоа се случи и минатата сезона, и тоа во финишот на мечот одигран во мај. Ваљадолид дома играше против Севилја, меч кој беше многу важен за домашниот тим.
Ваљадолид се бореше за опстанок и беше под притисок дека мора да освои бодови на тој меч. Беше 0:0, а се играше петтата минута од судиското продолжение на првото полувреме, кога беше досуден корнер за домаќините. По изведениот корнер, гостите ја исфрлија топката од шеснаесетникот, а од заднина натрча еден домашен играч и со шут од над 20 метри успеа да постигне гол.
Сепак, радоста на фудбалерите на Ваљадолид ја прекина главниот судија, кој отсвири крај, и тоа само еден момент пред да биде шутот за гол. Бурно реагираа домашните играчи, но арбитерот остана доследен дека требало само да се изведе корнерот и дека штом топката е исфрлена од шеснаесетникот, треба да има крај на полувремето.
Наместо Ваљадолид да води со 1:0 на полувреме, остана 0:0, а домашните играчи во вториот дел излегоа демотивирани и разочарани, па на крајот загубија убедливо со 0:3. Овој пораз и фактот дека Ваљадолид не освои бодови, беше еден клучен детаљ за клубот на крајот од сезоната да испадне од Примера дивисион. Ваљадолид на крајот имаше 40 бода, а Алмерија, која се спаси, заврши само со еден бод повеќе.