Извршниот директор на Барселона, Матеу Алемани изјави за шпанските медиуми дека го информирал Осман Дембеле дека мора да ја напушти Барселона. Едно од најскапите засилувања во историјата на Барселона е на излезната врата од клубот, иако се уште никој не знае каде би можел да ја продолжи кариерата.
Стотици пати се пишуваше за Дембеле и неговите повреди и дека не ги оправдал очекувањата откако дојде во Барселона, а францускиот репрезентативец со години молчи за се. Тој денеска ја прекина тишината со објава на Инстаграм во која за прв пат проговори за својот статус во Барселона.
Добро утро на сите.Поминаа четири години откако престанав да читам се што се пишува за мене и откако престанав да се правдам. Озборувањата за мене се таложат со години и последниве четири години луѓето пишуваат срамни работи и лаги за мене кои би ме повредиле. Се задржав на мојот принцип дека нема да им одговорам. Дали згрешив?
Од денеска нема да биде така. Од денеска ќе одговарам искрено. Имам 24 години и како и секој друг маж имам маани, не сум совршен. Живеев во многу тежок период, полн со повреди и проблеми, а големо влијание врз мене имаше и Ковидот. И покрај тоа, иако не тренирав редовно, секогаш му бев на располагање на тренерот и тоа без прашање.
Дадов се од себе на теренот бидејќи фудбалот е моја страст. Целосно сум свесен колку имам среќа шти ја работам работата што ја сакам и не сакам некој да каже дека не сум посветен на спортот. Секогаш сум на располагање на мојот клуб и тренер, дадов се за моите соиграчи и тоа никогаш нема да се промени.
Јас не сум човек што изневерува, но и не се согласувам со уцени. Како што знаете, преговорите се во тек и ги оставам целосно на мојот менаџер. Тоа е негов терен, а мојот терен е оној каде што е топката и каде што споделувам убави моменти со соиграчите. На крајот на краиштата, да се фокусираме на победите. Грижете се за себе и за вашите најблики.“
Барселона со месеци преговараше за нов договор со Дембеле, а Алемани преку соопштение потврди дека преговорите пропаднале. Иако со месеци го убедуваше да остане, Барса сега има 11 дена до крајот на преодниот рок да го продаде Дембеле, чиј договор истекува на лето и тој може да си замине без обештетување.
Таа сигурно нема да добие ни близу 140 милиони евра, колку што плати за Французинот. Дембеле пристигна во Барселона летото 2017 година од Борусија и требаше да биде нова ѕвезда, но одигра само 129 натпревари и забележа 31 гол и 23 асистенции.