Англиската Премиер лига има сериозни проблеми со судиските одлуки, поточно со оние кои се носат со помош на ВАР собата. Една таква ситуација беше видена и во големото дерби меѓу Ливерпул и Манчестер Сити (1-1). Во завршните секунди од натпреварот, Џереми Доку стартуваше со отворен ѓон невнимателно и високо кон аргентинецот Мекалистер, меѓутоа судиите не покажаа на единаесет метри.
Стартот на Доку над Мекалистер:
Покрај оваа ситуација, англиските медиуми се присетија на уште две кои исто така беа на штета на Ливерпул. Првата беше во септември, а за неа судиите јавно признаа дека погрешиле. Поради грешка во комуникацијата поради офсајд беше поништен чист гол на Луис Диаз против Тотенхем. Англиската судиска организација утврди дека Ливерпул е оштетен, меѓутоа тоа не го менува фактот дека грешката се случи и Тотенхем победи.
Поништен чист гол на Луис Диаз и комуникацијата со ВАР собата:
Третата ситуација која е на „штета“ на Ливерпул се смета играта со рака на Мартин Одегард во дербито со Арсенал. „Топџиите“ го надиграа ривалот и победија со 3-1, меѓутоа капитенот на Арсенал одигра со рака и според многумина, па и поранешниот судија Хауард Веб, но и Вилијам Салиба тоа беше чист пенал.
Играта со рака на Одегард и комуникацијата со ВАР собата:
Во моментов Ливерпул е израмнет со Арсенал на по 64 бода, меѓутоа „топџиите“ поради подобар меѓусебен скор се првопласирани. Манчестер Сити заостанува само бод зад водечкото дуо, па трката за тронот ќе биде пеколна. Сепак, се наметнува прашањето, дали судиските грешки можат да ја решат трката и дали тимот на Ливерпул е сериозно оштетен!?