Пред девет години на денешен ден, фудбалската репрезентација на Бразил го доживеа најголемиот пораз и срам во својата историја. Загубија во полуфиналето на Светското првенство кое се одржуваше токму во оваа земја.
Германија го урна сонот на повеќе од 200 милиони Бразилци, да ја освојат титулата на славната „Маракана“, Панцирите во полуфиналето ги декласираа кариоките со неверојатни 7:1.
Иако Бразилците на натпреварот кој се играше во Бело Хоризонте, не можеа да сметаат на повредениот Нејмар и суспендираниот Тијаго Силва, никој не се надеваше дека по само 29 минути игра, Германија ќе води со неверојатни 5:0.
Томас Милер, Клосе, Кедира и Тони Крос кој двапати ја тресеше мрежата, и донесоа предност на Германија од 5:0, од кои четири даде за шест минути, од 23 до 29-та минута. Андре Ширле со два гола во второто полувреме ја продолжи агонијата на Кариоките. Бразил преку Оскар успеа само да постигне почесен гол.
Ова е убедливо најголем пораз за Бразил на Светските првенства, претходно најубедливиот пораз на Кариоките беше 3:0 од Франција и тоа во финалето на Мундијалот 1998 година.
Бразилците пред точно девет години, го израмнија наубедливиот пораз на еден меѓународен натпревар, претходно и Уругвај во 1920 година ги совлада со шест гола разлика (6:0).