Ленс со 3-1 го совлада францускиот шампион ПСЖ, но не само што триумфираше, туку постигнуваше погодоци како да игра со противник од некој понизок ранг.
Галтие не можеше да смета на Нејмар поради црвен картон и Меси кој се уште се одмора по Светското првенство, но останатите беа во тимот.
Ленс кој е на второто место на табелата, го надигра лидерот и му го нанесе првиот пораз оваа сезона.
Победата ја најави Франковски уште во петтата минута кога најдобро се снајде во една мешаница и погоди за водство на Ленс од 1-0.
Таа предност на домаќините траеше само три минути кога Екитике го изедначи резултатот на 1-1. Фудбалерите на Ленс бараа фаул над нивниот голман, но не го добија.
Во 28. минута Опенда си поигра со главните дефанзивци на ПСЖ. Го стркала Рамос, па од памет го извади Маркињос и постигна гол за 2-1.
По само три минути игра во вториот дел, повторно си играа домашните фудбалери. Овојпат стрелецот на вториот гол, Опенда додаде со пета до Клод-Маурис за предност од 3-1 што беше и конечен резултат.
Сега разликата меѓу ПСЖ и Ленс е четири бода.