Италијанските медиуми најавија голем трансфер. Српскиот голгетер Душан Влаховиќ одби да ја напушти „чизмата“ и кариерата ќе ја продолжи во Јувентус.
За Влаховиќ се интересираа премиерлигашите Тотенхем и Арсенал, но тој одбра да остане дел од Серија А. Најдобриот играч на Фиорентина одби нов договор од „виолетовите“ и заминува уште оваа зима.
Јувентус и Фиорентина се договориле околу деталите, трансферот ќе чини 70 милиони евра. Првично беше планирано Влаховиќ да оди во тимот од Торино за време на летниот преоден рок, меѓутоа ситауцијата се промени. Наводно, Влаховиќ во Јувентус ќе добива седум милиони евра по сезона. Договорот ќе биде на пет години, што ќе донесе чисти 35 милиони евра.
Доколку трансферот се потврди со оваа сума, Влаховиќ ќе стане најскапиот Србин на сите времиња и ќе го урне рекордот на Лука Јовиќ за кого Реал Мадрид плати 60 милиони евра.