Невиден тениски спектакл во Синсинати:Новак Ѓоковиќ спаси меч топка, па по четири часа игра го совлада Алкараз. Ѓоковиќ успеа делумно да му се одмазди на Карлос Алкараз за поразот во битката за трофеј на неодамнешниот Вимблдон, совладувајќи го во синоќешното спектакуларно финале на мастерсот во Синсинати (5-7, 7-6, 7-6).

Тоа беше антологиски дуел кој траеше четири часа и во кој српскиот тенисер кој знае по кој пат покажа неверојатна физичка и ментална стабилност. Ова беше можеби најдобриот натпревар сезонава, во кој Србинот почна одлично па со брејк во шестиот гем дојде до првото поопипливо водство, по што го разбуди шпанскиот тенисер. Алкараз потоа доби пет од следните шест гема, од кои два на сервисот на противникот за освојување на првиот сет веќе со првата сет-топка. Тој почна на сличен начин и во вториот дел од средбата, со брејк во третиот гем, по што Ѓоковиќ сфати дека веќе нема право на грешка, па почна да игра подобро. Српскиот ас направи рибрејк во осмиот гем, се избори за тај-брејк во кој дури и спаси една меч-топка. Потоа ја презеде иницијативата, па ја искористи втората сет-топка и се избори за трет сет.

Решавачкиот дел од натпреварот донесе голема борба буквално за секој гем, а двајцата тенисери со по еден направен брејк влегоа во нов тај-брејк. Во него, Ѓоковиќ покажа искуство и зрелост, одигра маестрално и веднаш ја искористи првата меч-топка за огромна радост. Со ова тој влезе во историјата на мастерсот во Синсинати како највозрасен победник со 36 години, со што го урна досегашното најдобро остварување од 1970 година.

Најинтересните моменти од мечот погледнете ги ТУКА.

https://youtu.be/Fgy8tjrKy1Y