Торински Јувентус имаше одличен старт во новата сезона во Серија А, по убедливата победа со 3-0 на гости кај Удинезе. Победата беше остварена уште во првиот дел кога паднаа трите гола. Кошмарен старт имаше Лацио, кој пет минути пред крајот во Лече имаше сигурна победа, а на крај остана со празни раце после комплетниот пресврт и го загуби дуелот со 1-2.
Само 20 минути му требаа на Јувентус да најави добра сезона, откако Душан Влаховиќ со асистенција за Федерико Кјеза во втората минута, и гол од пенал во 20-та ја донесе „старата дама“ на праг на победа, а дека трите бода нема да му избегаат на италијанскиот гигант се погрижи Адриен Рабио во третата минута од судиското надополнување за убедливата предност и победа.
За разлика од најтрофејниот калчолигаш, римски Лацио тргна со пораз и тоа многу неочекуван и шокантен, зашто сѐ до 85-та минута „орлите“ имаа водство после голот на Чиро Имобиле на асистенција на Луис Алберто во 26-та минута.
Но, Лече не се предаде, не ја загуби концентрацијата и во две минути направи херојски пресврт. Алмквист во 85-та го израмни резултатот, а Ди Франческо две минути потоа даде втор гол за комплетен пресврт, двата на асистенција на Гало и тимот од јужна Италија запиша вредна победа на почетокот на сезоната.