Ватерполо репрезентацијата на Србија ќе игра за златен медал на Олимписките игри во Париз откако денес со 10:6 славеше во полуфинале против САД.
Србите стигнаа до уште едно финале во ватерполо со феноменална игра во одбраната и добра реализација на нападите.
Американците беа целосно надиграни, па Србија по двете злата во низа повторно ќе игра во финалето предводена од клупата од селекторот Дејан Удовичиќ.
Одличен во денешниот натпревар беше голманот Радослав Филиповиќ додека во нападот главниот збор го имаа Никола Дедовиќ со четири гола и капитенот Никола Јакшиќ со три погодоци.
На крајот сосема заслужен триумф за Србија и пласман во финалето, што значи дека оваа селекција сигурно ќе освои медал по три неуспешни настапи на европските и светските првенства. „Орлите“ се воедно и актуелни олимписки шампиони од Токио 2020 година.
Србија има шанса да стане само втората репрезентација која успеала трипати едноподруго да го освојува златниот медал од Олимписките игри. Претходно, тоа ѝ успеа само на Велика Британија, но тоа беше во првите две децении на минатиот век.
Србија во финалето ќе игра против подобриот од мечот помеѓу Хрватска и Унгарија.